Почетна | Новости | 26.02.2024


Во Ректоратот на УКИМ се одржа настанот „Вештачката интелигенција во образованието и науката“

На 26.02.2024 година во Ректоратот на УКИМ се одржа настанот „Вештачката интелигенција во образованието и науката“.

Како општествено одговорен универзитет, каде што се креираат 90% од севкупните научни и иновативни резултати во државата, УКИМ прв ја започна оваа дебата на темата вештачката интелигенција во високото образование и наука, под лидерство на ректорката проф. д-р Биљана Ангелова.

Пред повеќе од 130 присутни професори, се дадоа одговори на прашања околу користењето на вештачката интелигенција во процесот на високо образование и наука. Од генерирање текстови, до употреба при реализација на секојдневни административни работи, па се до прашањата кои се однесуваат на универзитетските вредности и етичките димензии, но и што значи овој нов однос помеѓу луѓето и машините.

Настанот го отвори ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, која истакна дека како Универзитет, мора храбро да го прифаќаме и соодветно да одговараме на темпото на развој и промените кои се случуваат во високото образование, науката и технолошкиот развој во светот, што претставува дел од нашиот континуиран развој.

Модератор на настанот беше проректорката за наука на УКИМ, проф. д-р Валентина Гечевска, која истакна дека во услови кога вештачката интелигенција, со нејзините cutting edge технологии и генеративни модели, нуди можности за развој на сите сегменти од општественото живеење, универзитетите во светот се поставени пред предизвик. УКИМ настојува да биде во чекор со времето.

По презентациите на професорите Ѓорѓи Маџаров, Ефтим Здравевски, Петре Ламески, Ристе Стојанов, присутните имаа можност да поставуваат прашања. Заеднички заклучок беше дека и во следниот период ќе се работи на ова тема, при што беа најавени неколку проекти на ниво на УКИМ.