Претседател на Универзитетски сенат


Проф. д-р Драги Димитриевски
(d.dimitrievski@ukim.edu.mk)

Д-р Драги Димитриевски е роден на 7.8.1962 година во Скопје, каде што завршил основно и средно гимназиско образование.

На Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дипломирал во 1987 година, каде што во 1993 година ги завршил постдипломските студии и се стекнал со звањето магистер по земјоделски науки, на насоката за агроекономика. На истиот факултет ја пријавил докторската дисертација и ја одбранил во 2001 година, со што се стекнал со звањето доктор на земјоделски науки, во областа на агроекономиката.

По дипломирањето, кратко време работел во живинарската фарма Белимбегово – Скопје, како дипломиран земјоделски инженер. Во 1988 е избран за помлад асистент на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, каде што во континуитет се избира во сите наставно-научни звања. Во 2011 година е избран во звањето редовен професор во областа економика на земјоделството и развој.

На Факултетот ја изведува наставата на сите три циклуси на студии, од областа на економиката на земјоделството и развој. Бил ментор на повеќе од 30 дипломски трудови, на повеќе од 10 магистерски трудови и на две докторски дисертации. Бил член на повеќе комисии за оценка и одбрана на магистерски трудови и докторски дисертации.

Д-р Драги Димитриевски е автор на повеќе од 120 публикувани научни трудови, објавени во домашни и меѓународни списанија, како и трудови презентирани на домашни и меѓународни конференции, каде што повеќепати бил пленарен излагач. Коавтор е во два универзитетски учебника, а има издадено и повеќе учебни помагала и прирачници.

Учествувал во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Учествувал во повеќе TEMPUS-проекти, а бил и координатор на еден. Во периодот од 2004 до 2014 година бил тим-лидер на проектот „Градење капацитети за формулирање на македонската политика и економска анализа во однос на земјоделскиот сектор”, финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој – SIDA, што придонел за развој на човечки и материјални капацитети во областа на агроекономиката. Во рамките на овој проект биле организирани постдипломски студии со двојна диплома со Земјоделскиот универзитет во Упсала, Шведска, на кои со звањето магистер се здобиле повеќе од 10 студенти. Бил координатор за Македонија и учесник во повеќе од 20 проекти од областа на аграрната политика, финансирани од Европската комисија, FAO, UNDP, USAID и Светска банка. Повеќе од 15 години соработува и е клучен национален експерт во проекти водени од Постојаната работна група за рурален и регионален развој во Југоисточна Европа (SWG-RRD), за анализа на земјоделските политики на државите од Западен Балкан и нивното приспособување кон заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Реализирал студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји: САД, Јапонија, Шведска, Велика Британија, Германија, Франција, Австрија, Италија, Чешка, Словенија и други.

Д-р Драги Димитриевски е активно вклучен во советодавно-апликативни активности во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во изготвување на голем број стратешки документи и законски и подзаконски акти, како клучен експерт во областа на земјоделските политики. Познат е како еден од позначајните креатори на јавното мислење за земјоделските политики, преку многубројни јавни настапи и напишани статии и колумни во медиумите.

Во периодот од април 2003 до април 2005 година бил продекан за наука, а во два мандата, од април 2009 до мај 2017 година, бил декан на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Учествувал во универзитетската Комисија за управување со Конгресниот центар, како и во повеќе комисии при Факултетот. Од јуни 2023 година е член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Д- р Драги Димитриевски извршувал и повеќе општествени функции. Во 2002 година бил директор на Фондот за животна средина, при Министерството за животна средина и просторно планирање. Од 2001 до 2003 година бил претставник на општествен капитал и претседател на управен одбор на Земјоделски комбинат „Анска Река” во Валандово. Бил член на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ и претседател на Комисија за признавање и еквиваленција на дипломи стекнати на странски високообразовни установи во областа на биотехничките науки при Министерството за образование и наука.

Бил член на Европската асоцијација на агроекономисти (EAAE) и е активен член на Здружението на агроекономисти на Р Македонија (ЗАЕМ).